Кривичниот суд одреди куќен притвор за четири лица, а на едно лице му определи мерки за претпазливност односно забрана за напуштање на живеалишстето, одземање на пасош и обврска да се јавува во судот, по наредбата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за отворање истрага против осум лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување.

Зоран Теофиловски кој е член на Судскиот совет, како и осомничен во случајот на Обвинителството за организиран криминал и натаму е недостапен за органите на прогонот. Сите се сомничат дека сториле кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување, поради противправна легализација на градежно земјиште со површина од 4.410 метри квадратни во Тетово.

-Судија на претходна постапка донесе решение со кое на 4 лица им определи мерка куќен притвор, додека на едно лице му определи мерки на претпазливост односно – Забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, Привремено одземање на патна и друга исправа за преминување на државната граница и Обврска за јавување на службено лице во судот – соопштува судот.

Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.

-Едно лице опфатено со предлогот за определување мерка притвор сѐ уште не е обезбедено од органите на прогон додека другите две лица за кои се предлагаат мерки за претпазливост, повикани се во текот на утрешниот ден да се јават пред судија на претходна постапка за нивно произнесување во однос на предлогот на обвинителството – се додава во соопштението на Кривичниот суд.