Едно лице е приведено поради сомнение за сторено кривично дело, а вкупно 135 мерки за сторени сообраќајни прекршоци се преземени од страна на Министерството за внатрешни работи во рамки на синоќешните контроли за спречување на организирање и учество на диви трки на мотоциклисти во Скопје.

Издадени се 77 мандатни платни налози и 58 прекршочни налози за сторени прекршоци од Законот за безбедност на сообараќајот на патиштата и Законот за возила кон возачи.

Контролите се спроведени вчера во периодот од 20 до 1 часот по полноќ од страна на Одделението за безбедност на сообраќајот при СВР-Скопје на булеварот „Партизански Одреди” и улицата „Христијан Тодоровски Карпош”, со цел откривање и санкционирање на возачите кои организираат и учествуваат во диви трки.

Привремно се задржани два мотоцикли, поради сомнение на вградување на одделни системи, составни делови, самостојни технички единици и опрема што се разликува од основно вградените – издувни системи по член 53 од Законот за возила.

СВР-Скопје, како што се наведува во соопштението, ќе продолжи со спроведување редовни контроли за спречување на организирање и учество на диви трки на мотоциклисти во Скопје.