Тетовската полиција, синоќа, во периодот од 00.30 до 1.30 часот, презела акција по претходно добиени информации дека на автопатот Скопје – Тетово, односно од бензинската пумпа на автопатот до влезот на Тетово кај клучката север, ќе бидат организирани диви трки.

Како што информираат од МВР, на самото место биле затекнати 14 автомобили со тетовски и странски регистарски таблички, кои биле привремено задржани во Полициската станица Тетово.

Во текот на денешниот ден возилата биле упатени на вонреден технички преглед, при што кај шест од нив биле констатирани технички неисправности, од кои две биле за поголема бучавост од дозволеното и биле конфискувани во траење од три месеци.

Сите неисправни возила веднаш се исклучени од сообраќај, а против овие возачи се поднесени соодветни поднесоци и тие ќе се соочат со глоба од 400 евра.

Тетовската полиција апелира до граѓаните, особено до помладата генерација, дека организирањето диви трки со возила е ризично и опасно за нив и за другите учесници во сообраќајот и дека секое постапување спротивно од законот ќе биде соодветно санкционирано.