Полицијата откри 50 градежници, странци без регулиран престој, на градилиштето зад „Рамстор“ кај Стара железничка во Скопје. Сите педесетмина се приведени.

– Денеска во Скопје, полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Север при БЈБ – МВР спроведоа контрола на градежни објекти на странска фирма помеѓу булеварот ’Кирил и Методиј’ и улицата ’Јордан Мијаклов’ поради сомнение дека повеќе странски државјани непријавени работат на објектите и незаконски престојуваат во Република Северна Македонија. Притоа, на објектите биле затекнати околу 50 странски државјани кои немаат регулиран престој и кои работат непријавени. Тие биле приведени и по целосно документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни пријави – велат до МВР.

Нагласуваат дека ова се првичните информации, а на случајот сѐ уште се работи. Од МВР не прецизираат во која градежна компанија работеле градежниците и велат дека сѐ уште се работи на утврдување на деталите.

Најголемото градилиште во овој дел на Скопје е на турската компанија „Лимак“ која се претставува како една од најголемите градежни компании во светот, а кај Стара желеничка треба да изгради подземна сообраќајница и голем станбено – деловен комплекс со четири дваесеткатници.