Десет возила „фиат дукато“ наменети за брза интервенција при справување со нарушен јавен ред и мир од поголем обем, но и за извршување на други полициски задачи кои се наменети за специјалните единици при МВР, беа презентирани денеска во Полицискиот центар Ѓорче Петров.

Тие поседуваат комплетна заштитна опрема на сите ранливи делови на возилата, тетра уред, ротациони светла, флешери и сирени, односно целосно се прилагодени за полициска намена.

На презентацијата на интервентните возила присуствуваше и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

– Набавката на нови десет интервентни возила за потребите на специјалните единици е само продолжение во низата набавки со кои ги подобруваме капацитетите на нашата полиција, што, пак, директно влијае на постигнувањето подобри резултати во работењето – рече тој.

Интервентните возила се набавени во склоп на донација за МВР од чешката влада, во висина од еден милион евра.

– Дозволете ми да ја искористам оваа можност во свое и во име на Министерството за внатрешни работи да упатам огромна благодарност до амбасадорот на Чешка во нашата земја, Мирослав Томан, до Владата на пријателска Чешка за континуираната и сесрдна помош и поддршка што ни ја даваат, како во делот на реформите на нашата полиција, така и во други сегменти важни за нашето целосно етаблирање во евроатлантските интеграции – истакна министерот.