Полицијата врши претреси на повеќе локации во Крушопек, село во општина Сарај, по добиени сознанија за трговија со кокаин.

– Министерството за внатрешни работи во овој момент презема широк спектар на оперативни мерки и активности. По насоки на јавен обвинител и по наредба на судија на претходна постапка се вршат претреси на подрачјето на село Крушопек во близина на Скопје поради недозволена трговија со дрога – информира техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев.

Тој на „Фејсбук“ наведе дека целиот капацитет на Министерството за внатрешни работи е ставен во заштита на граѓаните и безбедноста на државата.

– Помина времето кога високото раководство во МВР соработуваше и ги поддржуваше криминалните структури во државата – вели Чулев.

Повеќе информации за јавноста, министерот најави за утре.