Жител на тетовски Порој, кој правел свадба во дворот од неговата куќа, на полицајците кои дошле по пријава за пукање, им рекол дека не знаел кој истрелал куршуми во воздух, образожувајќи дека не видел поради многуте луѓе на веселбата.

Ова се случувало во понеделникот околу 22 часот кога анонимни телефонски повици во Полициска станица-Тетово пријавиле нарушен јавен ред и мир, со пукање од огнено оружје, во населба Дреновец. По пријавата, патролна екипа од Полициска станица-Тетово извршила проверка, наоѓајќи чаури на свадбата во Порој.

– Сопственикот на куќата М.Л. на полицајците им рекол дека некој од присутните гости, испукал неколку истрели, но бидејќи биле во поголем број не видел за кој станува збор. При тоа, полицајците нашле четири чаури од пиштолска муниција од непознат калибар, кои се подигнати за понатамошна постапка – инфомираат од СВР Тетово.

Дваесетина минути поовој настан, околу 22.30 часот, според пријавата на 42-годишник од Теарце, неговото возило е оштетено од заталкан куршум кога пристигнал во село Џепчиште, откако се движел по регионалниот пат Тетово-село Јажинце, заедно со неговата сопругата и две малолетни деца.

– Кога тој стигнал кај муслиманските гробишта, одеднаш слушнал силен удар кај покривот на возилото. Кога излегол забележал дека возило е оштетено од заскитан проектил од огнено оружје. Оштетувањето е фотографирано и се работи на целосно расетлување на случајот – соопшти СВР Тетово.

Четири случаи на заталкани куршуми и толку оштетени возила беа пријавени на 29 јули во Тетово. Во сите случаи освен материјална штета нема повредени. Се смета дека пукањето од огнено оружје се прави на големиот број свадби кои се случуваат периодов во Тетовско, поради присуство на печалбарите во родниот крај. А.С.