Огнот на Скопска Црна Гора се доближил на околу 300 метри од селото Блаце, алармираат на социјалните мрежи жители на селото. Откако завчера на многу непристапен терен на планината над селото Горњани во општина Чучер Сандево избувнал пожар, вчера од 10 часот екипи на скопската противпожарна бригада со авионска поддршка од Дирекцијата за заштита и спасување го гаселе огнот. Пожарот бил целосно изгаснат во 19.30 часот. Командантот на скопската противпожарна бригада Владимир Симоновски вели дека утрово немале пријава дека пожарот пак е активен.

– Синоќа огнот на Скопска Црна Гора беше целосно локализиран. Нашите екипи се вратија во базата во Автокоманда со извештај дека оган повеќе нема. Имавме и авионска поддршка од дирекцијата, се гаснеше со авиони. Ако пак се појавил оган значи некој го потпалил ноќеска. Кај нас нема пријава дека пожарот повторно е активен – изјави командантот Симоновски.

Најголемо внимание командантот вели дека посветиле на спречување на огнот да ја зафати шумата околу црквата Св. Богородица, поради опасноста од таму лесно да се прошири до куќите во селото Горњани.

Жителите на Блаце, пак, велат дека селото Горњани е од една, а селото Блаце од другата страна на огнот во планината. Се жалат дека од нивната страна огнот не бил изгаснат и веќе трет ден се доближува до куќите.

Наспроти нивните тврдења и Дирекцијата за заштита и спасување извести дека вчера дале воздушна поддршка за справување со пожарот во Општина Чучер Сандево.

– Со шест налети на авионите беа исфрлени 15.000 литри вода со што пожарот беше ставен под контрола. Дирекцијата за заштита и спасување апелира до граѓаните на совесно однесување и заштита на шумите – извести Дирекцијата за заштита и спасување.