Седумнаесет лица, од кои десет полицајци се повредени во синоќешните насилни протести пред Собранието на Република Македонија. 

МВР денеска соопшти дека се приведени 26 лица кои се однесувале насилно, ја туркале заштитната ограда, фрлале камења и пиротехнички средства кон Собранието и полицискиот кордон и се обиделе насилно да влезат во Собранието на Република Македонија. 

– Околу 21:30 часот околу 50 демонстранти, движејќи се во група се упатиле кон плоштадот „Македонија“ и насилно упаднале во два угостителски објекти, каде искршиле дел од инвентарот и предизвикале паника и страв кај присутните гости, а во еден објект демонстрантите врз гостите фрлиле солзавец. Во близина на хотелот „Холидеј ин“ запалено е комбе „Фиат“, а огнот бил изгаснат од страна на Бригадата за противпожарна заштита, се вели во соопштението од МВР. 

Во врска со новинарот на порталот „Инфомакс“, МВР соопшти дека тој одбивал да се легитимира и дал активен отпор. МВР наведува дека согласно процедурите, лицето било однесено во полициска станица и по утврдувањето на неговиот идентитет веднаш било пуштено.

Министерството за внатрешни работи апелира новинарите и снимателите кои ги извршуваат своите работни задачи во текот на известувањето да го почитуваат етичкиот кодекс на однесување и со своите постапки да не ги попречуваат службените лица во извршувањето на своите задачи, при заштитата на јавнот ред и мир. 

Од МВР потсетуваат дека изминатиот месец во соработка со ОБСЕ и ЗНМ одржале низа работилници во неколку градови, на кои учествувале новинари и вработени во МВР се со цел да се избегнат недоразбирања, меѓу другото, и на вакви јавни собири.

Министерството за внатрешни работи потенцира дека го почитува правото на мирен протест, но нема да дозволи употреба на сила врз полицијата и насилен упад во институциите, како и нарушување на јавниот ред и мир. Аапелираат на демократски начин на изразување на јавното мислење.