Министерот за надворешни работи, Бујар Османи на денешната прес-конференција соопшти дека имал средба со обвинителите што ја водат истрагата за трагедијата кај „Струма“ и дополни дека ги разгледале сите детали и наредни чекори. Османи додаде дека преживеаните патници веќе од утре ќе бидат транспортирани во болница во државава.

– По средбата со бугарските обвинители надлежни за истрагата, но и нашиот дел на експерти вклучени во идентификација на телата, ги разгледавме сите детали и наредни чекори. Вчера на Влада информирав за преносот на повредените од болницата Пирогов, како и пренесување на посмртните останки. Владата донесе неколку заклучоци. Повредените се добри, а ние ја информиравме Владата. Двајца веќе ќе се пуштат од болница утре, двајца задутре, двајца на 30 ноември и еден на 1 декември. Српскиот државјани ќе биде пренесен во Србија, а нашите државјани кај нас. Повредените ќе бидат сместени кај нашите установи, како транзитен период додека не бидат пуштени на домашно лекување. Владата формираше работна група која ќе ја предводам и ќе треба да утврдиме акциски план за пренесување на посмртните останки за Скопје – изјави Османи.

Тој додаде дека според нивните очекувања, следната недела би требало да завршат процедурите за идентификација.

– Нашите очекувања се дека следната недела кога ќе завршат процедурите на индентификација, вторник или среда, но зависно од тоа кога ќе се комплетираат сите процедури за иднетификација на телата, ќе се организира и транспортот на посмртните останки од Софија во Скопје. Ќе имаме и средба со членовите на семејствата со цел да ги имаме предвид и нивните барања – дополни Османи.