Фото: Игор Бансколиев

Четворица поранешни министри и заменици министри за земјоделство денеска се приведени во врска со истрагата за злоупотреба на службена положба и овластување при доделување на земјоделска помош и давање под закуп државно земјоделско земјиште со што предизвикале штета од над 1,4 милиони евра на Буџетот.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување истражна постапка против четири лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 5 во врска со став 1 од Кривичниот законик, соопштија од ОЈО Скопје.

Во акцијата на одделот за организиран криминал на МВР, како што пренесоа медиумите, се приведени поранешните министри Ацо Спасеновски и Михаил Цветков, како и поранешниот заменик министер Кристијан Делев. Тројцата се однесени во суд на распит, а четвриот осомничен е актуелниот пратеник Љупчо Димовски, кој полицијата сè уште го бара.

Пратеникот Димовски пред малку бил информиран дека полицијата го бара.

-Ми се јавија да ми кажат дека наводно полицијата ме бара, но тие знаат каде можат да ме најдат. Не знам за што точно сум осомничен, но сепак ќе го ангажирам мојот адвокат и ќе видиме за што станува збор- изјавил Димовски за Фокус.

-Лицата се осомничени дека во својство на министри за земјоделство, шумарство и водостопанство и нивни заменици во одреден период склучувале договори за закуп на земјоделско земјиште, кои не ги раскинувале иако закупувачите не го плаќале надоместокот за закуп. Станува збор за досега утврдени 584 договори за закуп на земјоделско земјиште на разни локации низ државата. На овој начин била предизвикана штета на Буџетот на Република Македонија во износ од 88.467.607 денари (над 1,4 милиони евра)- е наведено во соопштението од ОЈО Скопје.

Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежниот јавен обвинител до Судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје достави Предлог за определување мерка притвор за четворицата осомничени.