Советничката група на СДСМ, ДУИ и коалицијата во Советот на Град Скопје, денеска достави барање за свикување на итна седница на Советот, информира Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ.

– На оваа седница единствена точка на дневен ред би била помошта кон семејствата на нашите сограѓани кои загинаа во страшната автобуска несреќа во Бугарија – посочи Јанчева.

Таа го поздрави предлогот на градските власти да се обезбедат два милиона денари за помош на семејствата на настраданите, но порача и дека треба да се разгледа можноста тој износ дополнително да се зголеми.

– Сепак, не треба да се чека редовната седница на Советот, туку тоа може да се обезбеди и со вонредна седница за што денеска како советничка група поднесуваме иницијатива. Скопје е град на солидарноста, град кој подава рака секому кому му е потребна помош. Во несреќата во Бугарија загинаа 45 лица, огромен дел од нив се скопјани и скопјанки – посочи координаторката на советничката група на СДСМ, барајќи седницата да се одржи што поскоро, за помошта до погодените да стигне побрзо.