Фото: Маја Јаневска-Илиева

Многупати сме сведоци на крајно вообразено однесување на пешаците кога се дел од сообраќајот, најчесто кога преминуваат улица. Некогаш, пак, занесени со своите мобилни телефони и други електронски уреди, пешаците знаат да се заборават дека се во сообраќај и дека секој момент им се заканува опасност доколку не се придржуваат кон правилата и прописите. А непочитувањето на поставените сообраќајни знаци што важат и за нив, на светлосната сигнализација, но и преминувањето на улиците на места што не се предвидени за пешаци, се најчестата причина поради која оваа категорија учесници во сообраќајот страдаат на патиштата

И најзагрозената категорија учесници во сообраќајот не внимаваат на сообраќајните правила

Пешаците се една од најзагрозените категории учесници во сообраќајот. Но како што е потребно возачите и велосипедистите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, исто така треба да се почитуваат овие правила од страна на пешаците. За жал, пешаците честопати знаат да ја злоупотребат својата „заштитеност“ во сообраќајот. Многупати сме сведоци на крајно вообразено однесување на пешаците кога се дел од сообраќајот, најчесто кога преминуваат улица. Некогаш, пак, занесени со своите мобилни телефони и други електронски уреди, пешаците знаат да се заборават дека се во сообраќај и дека секој момент им се заканува опасност доколку не се придржуваат кон правилата и прописите. А непочитувањето на поставените сообраќајни знаци што важат и за нив, на светлосната сигнализација, но и преминувањето на улиците на места што не се предвидени за пешаци, се најчестата причина поради која оваа категорија учесници во сообраќајот страдаат на патиштата.

САМО ГОДИНАВА САНКЦИОНИРАНИ 385 ПЕШАЦИ

Откако Министерството за внатрешни работи го зголеми своето присуство низ сообраќајниците во земјава, се чини дека полни раце работа имаат и со пешаците што не ги почитувале сообраќајните правила и прописи.
Минатата година, односно во 2020 година, полицијата санкционирала вкупно 1.881 пешак, додека, пак, од почетокот на годинава, за неполни два месеца, статистиката на МВР евидентирала дури 385 санкционирани пешаци.
– Најчести прекршоци што ги чинат пешаците се минување на улица каде што нема обележано пешачки премин или минување на затворен сигнал (црвено светло) – информираат од МВР.
Дека пешаците навистина понекогаш се однесуваат несовесно говори и фактот што речиси секојдневно во билтените на МВР има барем по еден прегазен пешак.
За таквата состојба посведочивме и ние, кога забележавме голем број пешаци што не ги почитуваат правилата на движење.
Така, на пример, на булеварот Христијан Тодоровски-Карпош во денот може да се забележат минимум десетина граѓани како претрчуваат преку булеварот и жардиниерите, наместо уредно да ја преминат улицата на пешачките премини.
Токму од тие причини оваа сообраќајница важи за една од најсмртоносните во метрополата, бидејќи тука најголем број од жртвите се пешаци. Во октомври минатата година на оваа улица беше прегазен пешак што претрчувал преку улицата на несоодветно место.

ПОСТАРИТЕ ПЕШАЦИ СЕ НАЈЗАГРОЗЕНИ

Според статистиката на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, пешаците, а особено оние постарите пешаци се најзагрозената категорија учесници во сообраќајот.
Статистиката со која тие располагаат говори дека мнозинството од загинати пешаци се на возраст поголема од 64 години.
– За жал, секојдневно можеме да видиме пешаци како поминуваат улица надвор од пешачки премин, на црвен пешачки семафор, како се движат помеѓу две коловозни ленти, помеѓу возила во движење, но и пешаци што воопшто не ги следат случувањата во сообраќајот поради мобилниот телефон или слушањето музика. Непотребно и долго задржување на коловозот е редовна појава, особено од страна на повозрасните пешаци. Пешаците се најмасовна и најранлива група учесници во сообраќајот. Искуствата и анализите покажуваат дека кај пешаците недостига чувство за нивното активно учество во сообраќајот и недостига одговорност дека и за нив важат сообраќајните правила и прописи, како и за сите други учесници во сообраќајот – наведено е на интернет-страницата на РСБСП.
Како што е наведено, ваквата перцепција и ваквото однесување на пешаците во сообраќајот резултира со голем број загинати и повредени пешаци во сообраќајот.
– Тоа не значи дека и кај возачите нема одговорност и вина. Напротив, црната статистика е последица на непочитување на сообраќајните правила и прописи, како од пешаците така и од возачите – се вели во информациите од РСБСП.
Црната статистика, според нивните податоци, е загрижувачка бидејќи околу 25 отсто од вкупниот број жртви во сообраќајните незгоди се пешаци.

[email protected]