Пешак во Скопје загина, а велосипедист е тешко повреден во два одделни случаја во кои биле удрени од автомобили, при што и двајцата возачи побегнале.

Првиот инцидент се случил вчера напладне на крстосницата од булеварот „Трета македонска бригада“ и улицата „Никола Карев“, при што автомобил удрил во велосипед, управуван од З.Т. од Скопје и го напуштил местото на незгодата.

Велосипедистот се здобил со тешки повреди и бил итно пренесен во градската општа болница „Св. Наум Охридски“.

Вториот инцидент со трагичен исход се случил синоќа околу 1 часот по полноќ кога на улицата „Алија Авдовиќ“ во Скопје, автомобил удрил во 79-годишен пешак со иницијали А.А, по што возачот го напуштил местото на незгодата.

Пешакот бил итно пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде им подлегнал на повредите.

Полицијата работи на расчистување на овие два случаја и трага по несовесните возачи.


Возачот кој усмрти пешак во Куманово бил под дејство на алкохол

Седумдесетгодишниот возач М.П. кој удри во пешаци во Куманово, од кои едниот почина, бил под дејство на алкохол, утврди кумановското обвинителство.

Несреќата се случи завчера околу 13 часот, на бул.Трета Македонска ударна бригада во Куманово, кога М.П. со автомобил „форд фиеста“ удрил во паркиран автомобил „сеат толедо“ и во Т.М.(34), А.Љ.(50) и А.Х.(48), сите од Куманово, кои влегувале во возилото.

По незгодата тројцата биле пренесени во општата кумановска болница, каде што на Т.М. и А.Љ. им биле констатирани повреди, а А.Х. починал.

– Првичните сознанија на обвинителството укажуваат дека осомничениот, 70-годишен жител на Куманово, не се придржувал кон прописите во сообраќајот и видно под дејство на алкохол од 1,41 г/кг го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот и телото на починатото лице и оштетените. Откако управувајќи со возилото се движел по патот без да посвети внимание на пешаците кои стоеле на коловозот до возилото кое било паркирано на десната сообраќајна лента, осомничениот со предната десна страна од патничкото моторно возило удрил во пешаците – соопшти Обвинителството.

М.П е осомничен за кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, а судот му определи притвор од осум дена.