Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против пет лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – разбојништво.

Осомничените, на 28 јуни во село Трубарево, во непосредна близина на една бензинска станица нападнале двајца мигранти од Пакистан. Тие ги забележале мигрантите и им понудиле да ги превезат до граничниот премин Табановце за 200 евра. Откако оштетените се согласиле со сумата ги однеле во затемнетиот дел на една од блиските ниви, кадешто со употреба на физичка сила ги совладале и им одзеле пари и други предмети во вкупна вредност од 75.000 денари.

Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежниот јавен обвинител достави предлог за определување мерка притвор за петте осомничени лица.