Не постојат индиции дека пожарот во тетовската ковид-болница бил намерно предизвикан, изјави претседателот Стево Пендаровски, денеска во Тетово, според информациите што ги добил од надлежните. Надлежниот јавен обвинител го информирал претседателот дека увидот во тетовската модуларна болница наскоро ќе биде завршен, во најбрз можен рок, по што ќе биде објавен извештај.

– Она што сакам јавно да го кажам – до овој момент, бидејќи имаше и такви шпекулации, јас ова утро разговарав на пример со претседателот на Словенија, Пахор, кој ме праша истото, има различни шпекулации дека е можеби подметнато, дека има врска со 30 години независност, дека има некакви конспирации за тоа – до овој момент нема никаков индикатор дека ова е направено намерно, со цел да се постигне некаква друга, политичка цел. Меѓутоа велам, тоа е во овој момент и, се разбира, тоа ќе ви го каже денеска или наредните денови надлежниот јавен обвинител – изјави претседателот Пендаровски.

Претседателот додаде дека за да нема сомневања во истрагата за овој немил настан, Владата изразила подготвеност да повика и странска експертиза. Основа за подетална анализа претставува фактот што модуларната болница изгорела во целост за само неколку минути, како што посочи Пендаровски.

– Дојдов да изразам солидарност со граѓаните на Тетово и најмногу со оние кои ги изгубија своите најблиски и да поразговарам на лице место со надлежните. Надлежниот јавен обвинител ме информираше дека за еден до два часа и формално ќе го завршат увидот, кој трае веќе втор ден и во најбрз можен рок ќе излезат со нивниот извештај. Процедурата е: тие даваат наредби до другите надлежни институции, од обдукција до Министерството за внатрешни работи. Обвинителот ми рече дека ќе им даде многу кратки рокови, веројатно пет дена за секоја институција да одговори од својата надлежност. По нивното добивање на тие одделни извештаи, ќе излезе тој со свој збирен извештај, во кој ќе се види прво што е причината за пожарот, и второ дали зад тоа евентуално има некаква човечка грешка – рече претседателот Пендаровски.

Тој додаде дека се очекуваат детали за несреќата кои треба да ги соопшти надлежниот јавен обвинител, во текот на денешниот ден или во наредните денови.

– Од сето она што го чув и од одговорниот во противпожарната екипа, за само неколку минути изгорел целиот објект, што е само по себе основа за анализа. Меѓутоа, тоа е работа на надлежните институции. Ние имаме доволно стручни кадри во сите овие институции кои се инволвирани во оваа, да ја наречам, повеќеслојна истрага. Јас не се сомневам дека за кратко време ќе ја знаеме вистинската причина – рече Пендаровски.

На новинарско прашање дали ќе побара оставка од некого, претседателот Пендаровски истакна дека секогаш инсистира на одговорност, политичка или морална, и изјави дека мора да се почекаат наодите на истрагата. Расветлувањето на ваквите случаи, според претседателот на државата, е тест преку кој треба да потврдиме дали навистина ја заслужуваме независноста на државата.

Претседателот Пендаровски пред модуларната болница во Тетово за трагичниот настан разговараше со началникот на генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, потполковник Изеир Ејупи, командант на третиот пешадиски баталјон, со директорот на болницата, Флорим Бесими, и со командирот на противпожарна единица, Ука Алити, при што беше лично информиран за синоќешните случувања.