Претседателот Стево Пендаровски јавно побара од надлежните институции соодветно да го истражат случајот „Јавна соба“, а престапниците да бидат гонети и казнети согласно законските прописи.

– Деновиве повторно сме сведоци на случајот „Јавна соба“ кој фрапантно ја крши приватноста на илјадници жени и девојчиња, со понижување, сексизам и насилство кои оставаат трајни последици на нивните животи – истакна Пендаровски во изјава за МИА, додавајќи дека правото на приватност е загарантирано со највисокиот правен акт – Уставот.

Претседателот нагласи дека насилството врз жените и девојчињата во секоја форма е казниво со закон.

– Барам од надлежните институции соодветно да го истражат случајот, а престапниците да бидат гонети и казнети согласно законските прописи. Одговорност мора да има во најкус можен рок – категоричен е Пендаровски.

Случајот се актуелизира откако беше обелоденето дека во групата „Јавна соба“ (има 5.600 членови) на социјалната мрежа Телеграм повторно се споделуваат фотографии, профили од социјални мрежи, лични податоци, адреси и телефонски броеви од девојки, меѓу кои дел се и малолетни.

МВР апелираше сите жртви на злоупотреби во групата „Јавна соба“ да се пријават во најблиската полициска станица, соопштувајќи Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика презема мерки за расчистување на случајот.