Фото: Игор Бансколиев

По спроведување сеопфатно проучување на добиената документација и известувањата од надлежните органи во врска со наводна трговија со здрави новороденчиња, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе одлука со која укажува дека нема место за јавнообвинителска интервенција.

Имено, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во декември 2018 година, следејќи ги информациите во медиумите, отвори предмет по допрен глас.

-Во медиумите беа изнесени сознанијата на Народниот правобранител дека постои сомнение за организирана криминална група која подолг временски период се занимава со трговија со здрави новороденчиња. Наводно, на биолошките родители веднаш или по краток временски период по раѓањето им се соопштувало дека новороденото е починато, а всушност тоа било здраво и заради понатамошно посвојување станувало жртва на трговија- е наведено во соопштението од ОЈО Скопје.

По дејствијата преземени од страна на надлежен обвинител и врз основа на прибраната документација и побараните известувања од Народниот правобранител, Министерството за труд и социјална политика и Првата детска амбасада „Меѓаши“, произлезе дека во конкретниот случај нема докази, ниту индиции за постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело за кое се гони по службена должност.