Фото: Маја Јаневска-Илиева

Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка притвор за уште еден учесник на протестите за случајот „Монструм“.

– Осомничениот, на возраст од 21 година, на 26 февруари учествувал на јавниот собир на граѓани во Скопје – протест за пресудата во предметот „Монструм“. Притоа тој бил дел од толпа која со заедничко дејствување сторила насилства кон полициски службеници и други присутни лица. Имено, осомничениот и повеќе други лица почнале заеднички да дејствуваат кон полициските службеници фрлајќи со камења, бекатон-плочки, метални шипки и други предмети во обид да го пробијат полицискиот кордон. Како резултат на ова, тешки телесни повреди добил новинар присутен на местото на настанот, а повредени биле и 11 полициски службеници – соопшти ОЈО.

Бидејќи постојат околности што упатуваат дека осомничениот би можел да се даде во бегство или да го повтори делото, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор. Претходно, за истиот настан, Основното јавно обвинителство Скопје веќе поведе постапка за петмина други учесници во протестите.​