Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција достави барање со Кнежевството Монако да ги запре финансиските трансакции на сметки во Монако на кои се префрлени пари од концесионерот на центрите за дијализа во Република Македонија.

Oд Службата за односи со јавноста на ЈОРМ информираат дека од оформување на предметот во врска со доделувањето на концесијата за центрите за дијализа, ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција презема низа активности за расветлување на случајот.

– Во рамките на постапката, надлежниот јавен обвинител во изминатиот период, дојде до сознанија дека правното лице – концесионер на центрите за дијализа е отуѓено, а финансиски средства во значителен износ се префрлени на сметки во Монако. Преку меѓународна правна помош доставено е барање до Кнежевството Монако за запирање на извршување на финансиски трансакции на сметките на кои се префрлени пари од продажбата на правното лице во износ од 11 милиони евра – соопшти ЈОРМ.

Воедно, се вели во соопштението, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција од страна на Кнежевството Монако е доставено барање за вклучување на нивен обвинител во истрагата, на што Обвинителството позитивно одговори и го одобри барањето.