Александар Василевски-Нинџа, Никола Митревски-Кољо, Горанче Ангеловски-Ќосето, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски и Митре Питроповски, обвинети во предметот за „27 април“ од настаните во Собранието на РМ, се лицата кои истиот ден биле во кафе барот „Дион“ во ГТЦ и потоа организирано се упатиле кон Парламентот, каде со фантомки на главите со толпата, влегле во законодавниот дом.

Ова денеска на рочиштето во Кривичен го истакна обвинителката Ивана Трајчева појаснувајќи ги видео снимките кои се презентираа како докази од камерите на Стопанска банка, Собранието, телевизски снимки…

На снимката се гледа дека во 17:23 часот повеќе лица излегуваат од „Дион“, за кои обвинителката Трајчева рече дека еден од нив со бело елече е обвинетиот Никола Митревски-Кољо кој според неа и денеска во судницата и го носи истото елече. Појасни дека во 17:45 часот се гледаат две лица од кои едниот со црна маица е Горанче Ангеловски Ќосето, а другиот со тетоважа на раката е Илија Славески, како влегуваат на терасата во „Дион“ каде ги пречекува и се прегрнуваат со Александар Василевски-Нинџа. Од снимките се гледа како Стефан Младеновски доаѓа со мотор до „Дион“ и носи кеса. Во 18:40 во „Дион“ влегуваат шест лица, еден од нив е Игор Југ, подоцна се гледа обвинетиот Влатко Трајковски, а во 19:13 минути се гледа како седум лица се движат кон кафе-барот, од кои петмина имаат натписи на маиците. Со групата е и обвинетиот Јане Ченто. Подоцна, на неколку снимки од Стопанска банка, целата група од „Дион“ се движи кон Собранието на РМ.

Од ЦД-то од пред Парламентот, обвинителката ги препозна повеќето од обвинетите за кои претходно го објаснуваше нивното дејствување. Тие, рече Трајчева, се со фантомки на главите и дел од нив повикуваат да се приближи толпата кон главната врата на Собранието. Обвинителката рече дека од снимките видливо е дека полицајците пред вратите се повлекле, а демонстрантите влегле во Собранието. Во пленарната сала, таа посочи поголем дел од обвинетите како се движат без фантомките.

За случајот „27 април“ на Основното јавно обвинителство обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.

На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.