Скопското основно јавно обвинителство донесе наредба за спроведување истрага против 34-годишен скопјанец поради сомнение дека го малтретирал и удирал едногодишното дете на неговата вонбрачна партнерка.

Како што информираат од обвинителството, осомничениот го сторил делото на 23 декември, околу 12 часот, кога неговата партнерка му го оставила детето за да го однесе кај дадилка.

Осомничениот, инаку очув на детето, додека бил сам со детето во домот и додека го превезувал во автомобил, го малтретирал удирајќи му тупаници во главата и лицето, при што му нанел телесни повреди.

Тој се товари дека сторил кривично дело „напуштање и малтретирање дете.

Поради постоење на околности кои го оправдуваат стравот дека осомничениот ќе се даде во бегство, ќе влијае на сведоци и дека ќе го повтори делото, надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка поднел предлог за притвор на осомничениот.