Љупчо Ј. (32) од Охрид загина во сообраќајна несреќа што вчера попладнето се случи на магистралниот патен правец Охрид – Ресен, кај селото Косел.

Тој во својство на мотоциклист на критичното место изгубил контрола врз мотоциклот и удрил во задниот дел на автобус со кочански регистерски таблички, запрен покрај патот и надвор од коловозот. Екипата на Службата за итна медицинска помош само го констатирала фаталниот исход од несреќата за младиот моторциклист.

– На местото на сообраќајната незгода, увид изврши дежурен Јавен обвинител и екипи на СВР Охрид како и овластен судски вештак. За време на увидот сообраќајот не беше запрен односно беше наизменично регулиран во двата правци – информира Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.

По наредба на Јавен обвинител, врз телото на починатиот денеска ќе биде извршена обдукција, како и вонреден технички преглед на паркираниот автобус.