Две лица од скопско организирале транспорт на повеќе пратки на отпад од Инфективна болница до заштитната зона на бунарското подрачје „Нерези Лепенец“ во општина Карпош, информираат од МВР. Отпадот без поседување на дозвола бил закопан под површината на земјата со што предизвикале загрозување на животната средина за што ќе следат и кривични пријави, велат од МВР.

Од таму информираат дека единицата за економски и компјутерски криминал поднела кривична пријава против Ј.С. од с. Шишево, општина Сарај и против правно лице од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на животната средина и природата со отпад“, казниво по Кривичниот законик.

Првопријавениот, во својство на сопственик на пријавеното правно лице, во периодот од крајот на мај и почетокот на јуни 2020 година преку правното лице организирал транспорт на повеќе поврзани пратки на отпад (градежен шут и смет) од Инфективната болница при Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје до локација на втора заштитна зона на бунарското подрачје „Нерези Лепенец” во општина Карпош.

Тој отпад заедно со веќе постоечкиот затекнат на дивата нелегална депонија, спротивно на прописите за заштита на животната средина и спротивно на прописите и одредбите од Елаборатот-Експертизата за заштита на бунарската зона „Нерези-Лепенец” и без поседување на дозвола, бил закопан под површината на земјата, со што го сторил кривичното дело.