Во акцијата учествувале полиции од повеќе земји, откривајќи ја мрежата што се протегала дури до Непал, во Азија. Полицијата верува дека низ годините мрежата произвела и дистрибуирала повеќе од три милиони парчиња фалсификувани банкноти, со вкупна вредност од над 233 милиони евра. Оваа група се вбројува меѓу најголемите некогаш откриени, откако еврото стана заедничка валута

Акција на Европол против фалсификаторите на пари

Италијанските, белгиските и француските власти, со поддршка на Европол, успешно разбиле криминална група инволвирана во фалсификување евра. На денот на акцијата, специјалните единици на италијанската полиција уапсиле 44 осомничени лица и замрзнале криминални средства во вредност од осум милиони евра во Италија.
Во акцијата, досега во Италија се конфискувани 50 апартмани, осум бизнис-центри, две фарми, десет компании што работеле во различни сектори, 12 возила, еден луксузен брод и 22 банкарски сметки, сите со проценета вредност од околу осум милиони евра.
Сомневањата кај полицијата се појавиле уште во октомври 2017 година, кога биле фатени фалсификувани банкноти од 50 евра во провинцијата на италијанскиот град Беневето. Форензичката истрага покажала дека фалсификувањето е правено со доста софистицирани технолошки методи за печатење, кои барале и високо ниво на техника, машини за обработка, но и материјали. Фалсификаторите успешно ги ископирале сите безбедносни ознаки на банкнотите.
Полицијата верува дека криминалната мрежа низ годините произвела и дистрибуирала повеќе од три милиони фалсификувани банкноти со вкупна вредност од над 233 милиони евра. Оваа мрежа се вбројува меѓу најголемите некогаш откриена откако се пушти во оптек еврото.

Мозокот што стоел зад оваа криминална организација се занимавал со фалсификување повеќе од дваесет години. Тој не разработил само мрежа задолжена за продукција на фалсификуваните банкноти туку и мрежа за пуштање во промет на истите тие низ европскиот пазар.
Досегашната истрага детектирала поврзаност на италијанската криминална мрежа Камора, а исто така биле детектирани и голем број канали за дистрибуција низ Италија и пошироко.
Во Азија, во Непал, во февруари 2018 година, прелиминарната истрага резултира со заплена на 450 илјади фалсификувани банкноти од апоени од 50 и 100 евра, со вкупна вредност од 41 милион евра. Тие беа пронајдени во буриња. Во јули 2018 година, во илегална продавница за нане биле пронајдени монети од 50 евроценти, во провинција во Ломбардија. Во исто време, повеќе акции координирани од страна на Европол се реализираа и во Франција и во Белгија.

Шпанската полиција уапсила две осомничени лица, а за време на претресот на нивните домови, полицијата пронашла опрема и материјал за фалсификување. Нелегалната печатница на пари имала капацитет да испечати околу 300 илјади евробанкноти. Примероци од 20 и од 50 апоени биле пронајдени при претресот. Истрагата покажала дека осомничените биле лица од Колумбија, кои на колумбиската полиција ѝ биле познати поради слични дела.
Кон крајот на минатиот месец, пак, романската полиција извршила претрес во пет куќи, каде што пронашла нелегална печатница. Била пронајдена машина за печатење, сечење, но и друг алат потребен за печатење и за производство на банкноти. Биле пронајдени фалсификувани банкноти во вредност од осум илјади евра.

Истите тие не биле довршени. Банкнотите биле направени од полимер и истите тие ги имале сите можни безбедносни ознаки, кои јавноста може да ги препознае, правејќи ги со тоа невозможни за детектирање од страна на лаиците. Производството на фалсификуваните банкноти започнало уште во 2014 година, кога првата ваква банкнота почнала да циркулира во Романија. Оттогаш, дури 17.065 банкноти биле детектирани, предизвикувајќи штета од околу 352.500 евра.

[email protected]