Преку видеоапликација добиле смртна пресуда

За да го спречат ширењето на коронавирусот и на тој начин да се заштитат себеси и вработените во судскиот систем, судиите од судот во Сингапур, првпат во историјата на оваа држава, донесоа онлајн пресуда. Првата онлајн пресуда и во Нигерија беше смртна казна

ОНЛАЈН СУДСТВО

Ако за време на пандемијата од коронавирусот може да се работи од дома, учениците да следат часови исто така од дома, да се одржуваат прес-конференции од дома, може и судството да носи смртни пресуди преку апликации што овозможуваат видеоповици.
Таков е случајот во Сингапур, каде што триесет и седумгодишен маж, доби смртна пресуда од судот, која беше изречена преку апликација.

За да го спречат ширењето на коронавирусот и на тој начин да се заштитат себеси и вработените во судскиот систем, а особено оние што се вклучени во случајот, судиите од судот во Сингапур, првпат во историјата на оваа држава, донесоа онлајн пресуда.
Мажот, кој е осуден на смрт со бесење, е обвинет за соучество во шверцување хероин во 2011 година. Неговата улога била да ја координира работата на двајца курири. Едниот од нив бил осуден во 2015 година на доживотен затвор, а другиот е осуден на смртна казна, истата година. Човекот чие судење започнало во 2018 година ги негирал сите обвиненија, но и покрај тоа смртната пресуда е донесена.
Неговиот адвокат, Петер Фернандо, истакнал дека неговиот клиент не се противел на одржувањето на видеоконференцијата, затоа што на тој начин требало да ја добие пресудата од судијата, без изнесување нови аргументи. Сепак, додава дека размислуваат да поднесат жалба на пресудата.

Организациите за заштита на човековите права во Сингапур го осудија овој начин на носење одлука и го категоризираа како бесчувствителен. Тие истакнуваат дека онлајн соопштувањето на пресудата можело да се одложи, исто како и повеќето пресуди што биле одложени додека трае карантинот во оваа земја.
– Тоа што оваа пресуда е конечна, а притоа не станува збор за осуда на општокорисна работа туку за пресуда што се однесува на одземање нечиј живот, дополнително и тоа што може лесно да станува збор за погрешно донесена пресуда, предизвикува загриженост, зашто судот во Сингапур изреагира толку брзоплето и на овој начин го затвори случајот – истакнал Фил Робертсон, заменик-директор на азискиот разгранок на „Хјуман рајтс воч“.

Сингапур е една од четирите земји во светот, која сѐ уште носи смртни пресуди за казнени дела поврзани со илегални дроги. Минатата година во оваа земја биле егзекутирани четири лица што работеле илегално со наркотици.
– Ова е само уште еден доказ дека Сингапур им пркоси на меѓународните закони – истакна Чиара Санџорџио од „Амнести интернешионел“.
Карантинот во Сингапур е во сила до први јуни, а можно е истиот тој да се продолжи, ако не почне да опаѓа бројот на новозаразени. Не се знае кога институциите ќе почнат повторно да функционираат како претходно.

Сличен случај имаше неодамна и во Нигерија, кога преку видеокомуницирање еден нигериски возач беше осуден на смртна казна. Олалекан Хамид бил осуден заради убивање на 76-годишната мајка на неговиот работодавец во 2018 година. За Нигерија ова е прва онлајн пресуда донесена откако е почната пандемијата на коронавирусот.
И тамошните, но и меѓународните организации и активисти за човекови права ја осудија оваа пресуда како крајно нехумана, сурова и нечовечка.

Сослушувањето траело речиси три месеци и се одржувало виртуелно, како дел од напорите да се спречи ширењето на коронавирусот. Иако пресудата била донесена на првиот ден од олабавувањето на мерките, сепак судењата сѐ уште биле затворени, па затоа истото тоа се реализирало преку видеоконференција. Судијата бил во судот, осуденикот го следел судењето од затворот каде што и ја чекал пресудата, а адвокатите на одбраната и на обвинителството од своите канцеларии.

Сепак, локалните и меѓународните активисти бараат од судот да ја поништи пресудата, бидејќи истата таа е донесена во лошо време на пандемија што го покоси светот. Според нигерискиот закон, државните гувернери мора да ја потврдат пресудата пред истата таа да биде реализирана.
„Амнести интернешенел“ објави дека повеќе од две илјади лица чекаат во ред за да бидат егзекутирани, а последните три се реализирани во 2016 година. И покрај тоа што судството во овие времиња се обидува да одговори и да ја задоволи правдата, сепак според „Амнести интернешенел“, залутало во погрешен правец, осудувајќи луѓе на смрт со бесење.

[email protected]