Фото: Архива

Еден од осудените на доживотен затвор во процесот „Монструм“, Африм Исмаиловиќ, вчера бил уапсен во Приштина, откако бил идентификуван од полицијата по учество во сообраќајна несреќа, објави порталот „Газета експрес“.

По проверката на Исмаиловиќ, кој е македонски државјанин, било утврдено дека за него има меѓународна потерница и оти надлежен обвинител му одредил 48-часовен притвор, како што изјавил неговиот адвокат за косовскиот портал, а пренесе МИА.

Адвокатот тврди дека приведувањето е незаконско, бидејќи неговиот клиент претходно бил осуден и ослободен за истото дело, додека чекал да завршат процедурите во однос на неговото барање за азил во Косово.

Африм Исмаиловиќ, неговиот брат Агим, како и Халил Демири, на 23 февруари годинава беа осудени на доживотен затвор од Кривичниот суд во Скопје, по обвинението дека  извршиле петкратно убиство кај Смилковското Езеро на 12 април 2012 година. Двајца други обвинети, Фејзи и Хаки Азири, беа осудени на затворски казни од 15, од девет години.  Обвинението за Сами Лута беше одбиено поради откажување на јавниот обвинител.