Зимските месеци, кога луѓето поголемиот дел од времето го поминуваат во своите домови, каде што се греат, гледаат телевизија, спијат и готват, се најчестите периоди од годината кога избиваат пожари, независно дали причината за нивното настанување е човечки фактор или нешто друго

Повеќе од сто илјади лица на годишно ниво, умираат од пожари во домот низ светот, најчесто во зимските периоди кога луѓето поминуваат повеќе време дома отколку надвор. Само во Соединетите Американски Држави, во периодот од 2013 до 2017 година, 47 проценти од пожарите во домаќинствата и 56 проценти од пожарите во кои имало и жртви, се случиле во периодот од ноември до март и тоа од пет до осум часот попладне. Тоа е периодот кога повеќето од луѓето доаѓаат дома од работа, приготвуваат вечера и извршуваат други домашни работи. Само 19 проценти од пријавените пожари се случиле во периодот од 23 навечер до седум часот наутро, период во кој вообичаено повеќето спијат. Педесет и два процента од тие пожари резултирале фатално за луѓето, бидејќи спиеле и не можеле да го откријат пожарот навреме.

Внимавајте на ринглата и на тенџерето?

Пушењето е еден од главните ризик-фактори за да се случи пожар во домот. Најчесто, причина за пожар предизвикан од никотинското уживање се неизгасната цигара, заборавена цигара или, пак, паднат жар на лесно запалив материјал. Пушењето е причина за повеќе од илјада пожари во домови на годишно ниво.
Во Соединетите Американски Држави, но и во Европа, доста честа причина за пожар е невнимателноста при готвењето. Во САД, дури 42 проценти од пожарите се случиле за време на готвење на гас. Но причина за пожар е и невнимание при готвење на електричен шпорет, заборавена рингла или, пак, тенџере. Пламените јазици од ринглите многу брзо можат да излезат од контрола и да ја зафатат целата кујна, проширувајќи се на остатокот од куќата. Затоа е потребна особена внимателност кога станува збор за готвењето.
Иако новогодишните празници се веќе зад нас, треба да се напомене дека доста честа причина за пожари се новогодишните елки. Голем ризик се живите елки, но и пластичните доколку на нив има светилки. Ризикот кај природните елки во комбинација со светилки резултира со пожар затоа што дрвото е многу лесно запаливо, додека, пак, кај пластичните елки доволен е краток спој во украсните светилки. Во двата случаја постои ризик од фатални пожари. Од тие причини пожарникарите советуваат украсните светилки секогаш да бидат исклучени во периодите кога домот е празен, но и во вечерните часови, кога сите членови на семејството спијат.

Децата подалеку од огнот

Создавањето пријатна атмосфера во домот, со тоа што ќе запалите ароматични свеќи колку и да е убаво, сепак со себе носи огромни ризици. Повеќе од 18 илјади пожари во домот, на годишно ниво во САД, се предизвикани токму од свеќи. Најчеста причината е негрижата. Доста често свеќата се остава без надзор или се остава да догори, а тоа е опасност домот да биде проголтан од пламени јазици.
И љубопитноста на малите деца е доволна причина за пожар, бидејќи тие не се запознаени со опасноста што играта со пламенот може да ја предизвика. Па, така, децата најчесто играат со кибрити, запалки и свеќи, а сето тоа, само во САД резултирало со 56,300 пожари во период од четири години.
И во Македонија доста често се случуваат несреќи предизвикани од гас, кој во домаќинствата најчесто се користи за готвење. Последната, која се случи во Романовце, резултира со седум жртви, кои починаа како резултат на фатални изгореници од трет и од четврти степен.
Греењето на дрва, исто така, е огромен ризик за избивање пожар. Попуштање на вратичката на печката на дрва и истурањето на жарот низ подот може да резултира со пожар, кој лесно може да го зафати целиот дом. И неисчистените оџаци во домаќинствата каде што греењето е со печка на дрва, резултира со голем број пожари и во Македонија.

Кој спаѓа во ризичната група?

Постарите лица, наркозависниците, алкохоличарите, децата и лицата со одреден инвалидитет се ризик-групата, која најчесто не ги преживува пожарите.
Постарите лица не се подвижни, слухот, видот и рефлексите повеќе не ги служат, па затоа тие спаѓаат во ризичната група. Неможноста да слушнат и да изреагираат навремено, носи ризик за нивните животи.
Наркозависниците и алкохоличарите исто така спаѓаат во ризичната група, па затоа и дрогата и алкохолот се едни од главните ризик-фактори за избивање пожар. Секако, не сами по себе, туку доколку одредено лице е под нивно дејство. Во издрогирана или алкохолизирана состојба, лицето не е свесно за опкружувањето, па доста често и завршува како жртва во пожар.
И самотијата е смртоносна. Поголемиот број студии покажуваат дека кога човек живее сам, постојат поголеми шанси да настрада во пожар.
Во ризичната група спаѓаат и децата, кои воопшто не се свесни за опасноста од пожарот. Погоре наведовме дека тие доста често низ игра се запознаваат со огинот, па невниманието на возрасните, незнаењето на децата за опасноста на која се изложуваат, резултира со сместување на најмалите во ризичните групи.