Основното јавно обвинителство Куманово денеска донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 24-годишен жител на Крива Паланка, поради постоење на основано сомнение дека лицето сторило кривично дело – разбојништво.

Осомничениот на 4 јуни влегол во стан кој е во туѓа сопственост и од сопственикот на станот побарал пари. Сопственикот одбил да му даде пари, по што осомничениот започнал да го удира со раце и нозе по целото тело. Од ударите оштетениот се здобил со тешки телесни повреди – контузија на глава, контузија на мозок и фрактура на носот. Потоа осомничениот се заканил со нож и насилно ги пребарал џебовите на сопственикот на станот, при што одзел 370 денари и избегал.

Од Јавното обвинителство на Република Македонија соопштуваат дека судијата од Основниот суд во Куманово го прифатил предлогот на јавниот обвинител и на осомничениот му определил мерка притвор во траење од 30 дена.