Фото: Маја Јаневска-Илиева

Интерпол веќе објави глобално предупредување за можни потенцијални криминални активности поврзани со фалсификување, кражби и нелегално онлајн рекламирање и продавање на вакцините против ковид-19 и грип, бидејќи веќе се забележани опортунистички планови и чекори од страна на криминалните организации. Тука не се само криминалните групи, туку и поединци што самостојно рекламирале, продавале и произведувале лажни вакцини. И во Македонија досега беа забележани измами поврзани со пандемијата…

ИНДИЦИИ ЗА ПОДГОТОВКА НА ГОЛЕМИ КРИМИНАЛНИ АКТИВНОСТИ ВО ВРСКА СО ВАКЦИНИТЕ ПРОТИВ КОВИД-19

 

На населението сѐ поблиску му се вакцините за ковид-19. Некои земји веќе почнаа со вакцинирање, а некои сѐ уште не. Сепак, вакцините ќе пристигнат во сите земји. Но со зголемената побарувачка на некое добро, во овој случај на вакцината, очекувано е и да се насочат апетитите на криминалците за нелегални активности токму на вакцината, бидејќи, како што тврдат криминолозите, „конјунктурата за вакцината на нелегалниот пазар допрва ќе го достигнува својот врв“, а цената неконтролирано ќе расте.

Криминалните активности на организираните групи ќе се обидат да заработат од новонастанатата состојба

Иако тоа нема да е првпат, сепак, според криминолозите, сега се очекува организираните криминални организации да се преструктурираат најдобро што можат, да се инфилтрираат на пазарот, да крадат вакцини, да фалсификуваат, па дури и да „произведуваат“ вакцини. Факт е дека во страв и паника луѓето прават голем број непромислени грешки, вклучувајќи го и купувањето лажни и непроверени лекови и други производи за да си го зачуваат здравјето. Токму оваа слабост кај луѓето, како што ни нагласија во повеќе наврати криминолозите, ќе биде причина за активирањето на криминалците и нивниот обид за вмешување во здравствената сфера, креирајќи голем број опасности по здравјето на луѓето.

Интерпол на нозе

Интерпол веќе објави глобално предупредување за можни потенцијални криминални активности поврзани со фалсификување, кражби и илегално онлајн продавање и рекламирање на вакцините против ковид-19 и грип, бидејќи веќе се забележани опортунистички активности од страна на криминалните организации. Тука не се само криминалните групи, туку и поединци што самостојно рекламирале, продавале и произведувале лажни вакцини.
Колку што се вакцините сѐ поблизу до граѓаните и државите, некои веќе се снабдија и почнаа со вакцинација на населението, а кај некои допрва ќе се врши доставувањето, сѐ поголем е бројот на нелегални активности на оваа тема.
– Како што владите се подготвуваат да набават вакцини, криминалните организации планираат да се инфилтрираат во синџирот на достава или, пак, да го прекинат – истакна Јирген Сток, генерален секретар на Интерпол.

Тој нагласи дека криминалците ќе се насочат и на онлајн купувачите преку лажни интернет-продавници, нудејќи лажни лекови, кои може да бидат причина за сериозни ризици по здравјето на луѓето.
– Важно е надлежните институции да бидат подготвени колку што е можно повеќе на секакви криминални активности поврзани со вакцината против ковид-19 и токму затоа Интерпол го објави портокаловото предупредување – истакна тој.
Со зголемувањето на измамите поврзани со коронавирусот, Интерпол исто така ги предупредува луѓето да бидат особено претпазливи кога онлајн пребаруваат разни лекови за овој вирус.
Единицата за сајбер-криминал на Интерпол открила три илјади интернет-страници поврзани со онлајн аптеки што продавале лажни лекови.

И Европол на штрек

Европол побара од своите земји-членки, но и од другите држави, да бидат многу внимателни, поради можна вмешаност на криминалните групи во развивањето и дистрибуцијата на вакцината против коронавирусот.
Поради тоа Европол веќе објави предупредување за криминал поврзан со вакцините против ковид-19.
Како што пандемијата го зафаќа својот втор бран многу позасилено од претходно, побарувачката за лекови и вакцини е драстично зголемена, а поради тоа може да дојде и до недостиг од нив во голем број земји. Токму таа ситуација ќе се обидат да ја искористат криминалните организации, обидувајќи се да заработат така што ќе го задоволат пазарот со нивните лажни производи.
– Како што ќе пристигнуваат вакцините пазарот, така се очекува и да се зголеми бројот на лажни верзии на вакцините што ќе циркулираат на пазарот. Стравуваме дека криминалците ќе користат разни дезинформации за да ги измамат индивидуалците, но и компаниите. Веќе имаше случаи на црните интернет-пазари каде што се нудеа вакцини од актуелните брендови – се вели во предупредувањето од Европол.

МВР и МЗ подготвени да се спротивстават на најавените предизвици

Несомнено е дека криминалните групи ќе се обидат да ја реализираат својата заработка исто како што направија на почетокот на пандемијата, продавајќи разни лажни средства за дезинфекција, лекови, заштитни маски, а голем број држави беа и измамени, бидејќи побарувачката за маски во почетокот беше енормна. И во Македонија беа забележани измами поврзани со заштитните маски, дури имаше и случај на кражба на маски од болница, а маски се продаваа по енормно високи цени, кои достигнуваа и повеќе од 100 денари.
За целокупната ситуација со вакцините и нивната дистрибуција во земјава, како и за тоа колку целиот тој процес е безбеден, од Министерството за внатрешни работи и од Министерството за здравство смируваат дека состојбата е под контрола и истакнуваат дека будно ќе го следат процесот на набавка на вакцините за населението.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека будно ја следат состојбата.
– Глобалното предупредување на Интерпол за заканата од организиран криминал со вакцини против грип и ковид-19, како и портокаловата објава/потерница на Интерпол во која се содржани потенцијалните криминални активности во врска со фалсификување, кражба и незаконско рекламирање на вакцини против грип и ковид-19, Интерпол Скопје ги доби од страна на Генералниот секретаријат и тие се проследени до надлежните институции и сектори. Министерството за внатрешни работи континуирано ќе ја следи состојбата – информираат од МВР.
Од Министерството за здравство, пак, исто така смируваат дека процесот на набавка ќе биде под контрола.

– Министерството за здравство на Република Северна Македонија има стандардизирана оперативна процедура за транспорт, прием, набавка, достава и чување на вакцините. Во согласност со оваа процедура, заштитени се сите засегнати страни што учествуваат во овој процес.
Агенцијата за лекови има тесна соработка со повеќе институции – царинските служби и МВР, чија обврска е заштита на увозот и контрола на постапката предвидена за достава на лекови – велат од Министерството.

[email protected]