Мексико речиси секогаш се смета за земја што се наоѓа пред колапс. Наркошефовите им ги имаат заземено местата на властите во одредени делови од земјата, а раширено е и мислењето дека полицијата, всушност, работи за наркокартелите. Доколку некои полицајци не се согласуваат на соработка со нарко-картелите, најчесто завршуваат ликвидирани.

Наречена со кратенката ГОПЕ таа е специјалната, елитна и тренирана единица на федералната полиција на Мексико, која се справува со најлошите и најопасни криминалци, наркобосови и терористи. Изненадувачки е што покрај големиот наркопроблем што владее во Мексико и што има чести кршења на законот, оваа единица има само 87 полицајци, кои работат во групи од осум до 12 члена за одредена мисија.

Како и секоја добра полициска сила, така и оваа поминува низ доста екстремен тренинг. Во тренингот на специјалците учествуваат мексиканските специјални сили, шпанската полиција, колумбиската единица за антитероризам, француската специјална полиција, американската воздушна полиција и мексиканската морнарица.

Специјалците од Шри Ланка се обучени за борба против востанија и тероризам, особено за борба со герила-движењето во Шри Ланка, и специјалната единица на оваа земја се вбројува меѓу најдобрите во светот. Нејзините припадници одат на обука низ светот кај најдобрите полициски единици. Оваа полициска единица била вклучена во помошта на кинеските полицајци при одржувањето на Олимписките игри во Пекинг во 2008 година. Формирани се во 1983 година. Првиот тренинг го добиваат од војската на Шри Ланка, но доста голема помош во обучување на членовите добиваат од британските САС, но и од Израелските специјални сили.

Канадската специјална полиција е со најмодерни и најубави униформи.
Но облеката не треба никого да залажува, бидејќи припадниците на оваа полициска единица самите се одговорни за својата психофизичка состојба при тренинзите. Се смета дека самите треба да работат на подобрување на нивните вештини и способности.

Минуваат шестмесечен интензивен и суров тренинг, кој започнува рано наутро во шест часот, а завршува дури во четири часот и триесет минути навечер. Откако апликантите ќе го минат овој тренинг, доаѓа уште еден шестмесечен, уште поекстремен.

Француската национална специјална полициска единица е формирана во 1985 година за борба против криминалот и тероризмот. Таа се активира многу ретко, на пример кога американскиот претседател е во посета на Франција. Толку се елитни што ги има само 60 на број. За да бидат дел од оваа полиција можат да аплицираат само полицајци што биле дел од полицијата пет години. Од 600 кандидати што аплицираат, успешно влегуваат само десетмина. Примените кандидати минуваат низ екстремен деветмесечен тренинг, кој вклучува шестчасовна интензивна физичка работа. Учат да пукаат, учат тактики, учат како да влезат во автобус во движење, во авиони и возови, се обучуваат како да спасуваат заложници, да напаѓаат од хеликоптери, како да користат падобрани и слични опасни зафати.

Шпанската ГЕО е формирана во 1977 година за борба против тероризмот. Тие се всушност формирани како партнерство помеѓу војската и полицијата. Нивниот почеток имал одлични резултати. Спасувале заложници без крвопролевање. При една операција успешно спасиле 424 заложници и разоружиле 41 терорист. Од нивните членови, убиен е само еден припадник при експлозија на воз во Мадрид, кога еден од осомничените ги нападнал кога ги видел дека пристигнуваат. Екстремниот тренинг вклучува трчање три километри, кои мора да ги истрчаат за 11,5 минути. По првичниот тренинг, многу од апликантите се откажуваат бидејќи следниот тренинг бара уште повеќе напор и техника на која секој не може да одговори.

Американските „Маршали“ е полициска единица во која е најтешко да се влезе. Тренинзите и какви било детали околу нив се чуваат како строга тајност. Оваа единица постои речиси колку што постојат и Соединетите Американски Држави. Станува владина во 1789 година и постои оттогаш. Тие се грижат за безбедноста на судовите и за наоѓање криминалци што избегале од затвор. Нивниот тренинг е еден од најекстремните и трае 19 недели.