Нефи Усеини

Првото рочиште од судскиот процес што се води против браќата Усеини пред Основниот суд Охрид е одложено за 26 октомври, поради влошената здравствена состојба на Ибраим Усеини, брат на советникот во Општина Охрид од редовите на ДУИ – Нефи Усеини, пренесуваат повеќе медиуми.

Ибраим Усеини имал проблеми со покачен крвен притисок, по што денеска бил префрлен во Центарот за кардиолошки и васкуларни заболувања во Охрид, според информациите во медиумите кои го следат судењето.

Пред Судскиот совет не се појави ниту Спиро Топалоски, оштетениот и главен сведок во судењето, со образложение дека неговата сопруга, вработена во детска градинка не можела да отсуствува од работа, така што немало кој да се грижи за децата. Судијата Милчо Клишески порача дека Топалоски стражарно ќе биде приведен и донесен пред судот, доколку не се појави во судница на следната покана.

Судскиот процес против браќата Усеини се води поради сомневање дека се сторители на напад извршен врз Топалоски. Против нив беше покрената пријава и за „неовластено држење на оружје или распрскувачки материјали“, но подоцна оштетениот Топалоски го смени исказот, посочувајќи дека се работи за погрешно протолкувана изјава. Инцидентот се случи на 18 август кога пред хотел во Охрид, Топалоски, наводно, бил физички нападнат од браќата Усеини, при што според првичната изјава на оштетениот бил изваден и пиштол, а кон него и неговиот малолетен син биле упатувани закани. Подоцна Топалоски го смени исказот во изјавата дадена пред јавен обвинител, што според одбраната е единствен валиден доказ во постапката.