Поради истек на 90 дена од претходното рочиште, денеска од почеток требаше да почне судењето за предметот на СЈО „Талир“ за финансирањето на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Но, адвокатите Дончо Наков и Еленко Миланов побараа судењето да прекине поради тоа што специјалната обвинителка Катица Јанева е во притвор како осомничена во случајот „Рекет“.

Претходно, обвинителката Ленче Ристоска приговораше за листите на докази поднесени од обвинетите.

Судијата Осман Шабани рече дека се одлага судењето за да се произнесат за предлозите. Следното рочиште е закажано за 3 октомври.

За ова судење никогаш не почна главната расправа.

„Талир“ е единствениот предмет на СЈО со обвинение поднесено по рокот од 30 јуни 2017. По овој датум Врховниот оцени дека СЈО не смее да отвора истраги и да покренува обвиненија.

Според обвинението за „Талир“ во периодот од 2009 до 2015 година на сметката на ВМРО-ДПМНЕ незаконски легнале 4,6 милиони евра.

Меѓу обвинетите за перење пари и злоупотреба на службената положба и овластување се експремиерот Никола Груевски, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски, поранешниот генерален секретар Кирил Божиновски, пратеникот Илија Димовски, Леко Ристовски и самата партија.

Предметот „Талир 2“ е за незаконската градба на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.