Судењето за организаторите на настаните од 27 април во Собранието што требаше да се одржи денеска е одложено за 5 март, информираат од Основниот кривичен суд во Скопје.

– Заради интерес на медиумите и невладините организации кои ја следат главната расправа за предметот со КОК бр. 2/20 поврзан со настаните од 27-ми април 2017 год. кои се случија во Собранието на РСМ, ја информираме јавноста дека денешната расправа се одлага со оглед да е насрочена расправа за предметот К.бр. 1407/19 поврзан со автобуската несреќа кај село Ласкарци, каде постапува ист судија – член на судечки совет – се наведува во соопштението објавено на интернет-страницата на Судот.

Случајот го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Тие се товарат дека сториле кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.