Судењето за настаните на 27 април минатата година во Собранието на Република Македонија се одложува за 21 јануари за Апелација да одговори на жалбите на одбиените барања за амнестија и тие да станат правосилни.

– Согласно Законот за амнестија дел побараа и веќе добија, а дел од барањата се одбиени. За дел од одбиените барање сѐ уште нема правосилни одлуки. Тоа претставува пречка за понатамошна расправа. Следната расправа се одложува за 21 јануари – изјави судијката Добрила Кацарска.

Во судница на денешното рочиште беа присутни само обвинетите Митко Чавков, Мунир Пепиќ, Горан Ѓошевски Леви, Митко Пешов, Душко Лазаров, Оливер Радулов, Игор Дурловски и Абдулфета Аљими.

Судот на почетокот информира дека девет обвинети кои се во куќен и затворски притвор не се спроведени поради економичност на постапката, бидејќи денешното рочиште ќе се одложува.

На следното рочиште би требало да се изврши промена на обвинителниот акт согласно Законот за амнестија и да се започне со завршни зборови.

Обвинителката Вилма Рускоска го извести судот дека обвинителниот акт ќе ги достави во писмена форма на сите обвинети.

Судењето за случајот „27 април“ почна во август минатата година против вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.

Во рамки на доказната постапка беа сослушани околу 50 сведоци, како и еден загрозен сведок, на чие сведочење беше исклучена јавноста. Како сведоци беа сослушани актуелниот премиер Зоран Заев, министерот Дамјан Манчевски, поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, владиката Пимен и други.

По исказот пред судот на Стефан Младеновски, кој кажа дека за упад во Собранието кога СДСМ ќе формира Влада дознал во февруари 2017 година од Александар Василевски Нинџа, на средба на која имало и луѓе од МВР и УБК, на 4 декември на барање на Јавното обвинителство беше приведен во притвор поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Владимир Атанасовски.

Со 95 гласа „за“, без против и воздржани, Собранието на 18 декември го донесе по скратена постапка Законот за амнестија за настаните од 27 април 2017 година, согласно кој амнестијата не се однесува на организаторите, лицата кои извршиле физичко насилство, кои носеле оружје, како и службените лица кои ги пречекориле службените овластувања.

Досега амнестија добија 15 лица за случајот „27 април“, како и пет лица опфатени со други предмети. За сите останати барања се уште тече рокот за одлучување.

Позитивно мислење по барањата за амнестија, добија петмината пратеници – Мукоски, Арнаудов, Василевски, Тарчуловски и Димовски, организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“ Богдан Илиевски, Владо Јовановски и Борис Дамовски, вработените во кабинетот на тогашниот собраниски спикер Иван Цветановски и Елена Доцевска-Божиновска, браќата Младеновски кои први открија детали за организацијата на крвавиот четврток и Захарије Симовски, Илија Славевски и Митре Питроповски од патриотските здруженија.