Основниот кривичен суд Скопје ја информира јавноста дека главната расправа по предметот познат како „Моќник“ насрочена за денеска се одлага поради смртен случај на еден од обвинетите. Следното рочиште е закажано за 17 мај.

За евентуални промени во термините за расправа, странките и јавноста ќе бидат благовремено информирани, соопшти основниот кривичен суд Скопје.

Во случајот „Моќник“ се обвинети пратеникот Антонио Милошоски и уште 12 лица. Милошоски се гони за злоупотреба на службената положба и овластувањата и за измама. Прво и второобвинети во случајот се таткото на пратеникот Милош Милошоски и ексградоначалникот на Македонски Брод, Милосим Војнески. Меѓу обвинетите има и членови на некогашната Лустрациска комисија.

Според обвинението, Милошоски се товари дека како пратеник вршел континуиран притисок во органите на државната управа, Државното правобранителство и судовите за да не се поништи купопродажбата, со што овозможил да се реализира последицата од делото.

– Во текот на 2011 година прво и второобвинетиот заеднички, со намера првообвинетиот да прибави противправна имотна корист, ги довеле во заблуда советниците во Советот на Општина Македонски Брод со лажно прикажување и со прикривање факти за правниот статус и вистинската вредност на недвижностите – предмет на продажба. Тие ги навеле советниците да изгласаат одлука за отуѓување недвижен имот за кој советниците сметале дека е поранешниот задружен дом, а всушност одобриле отуѓување зграда со корисна површина од 157 м2 со дворно место од 3.920 м2 во с. Ижишта, општина Македонски Брод, која ја користела општина Пласница, соопштија од Обвинителството – стои во обвинителниот акт.