Деталите од разговорот во кој новинарот Драган Павловиќ-Латас и изведувачот ја договараат изградбата на викенд-куќите во Зелениково, можеа да се слушнат во првата „бомба“ што беше презентирана денеска во Кривичниот суд, во предметот „Тревник“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Снимениот телефонски разговор е оспоруван од страна на одбраната како ирелевантен доказ.

Судот, претходно го одби барањето на одбраната за исклучување на јавноста при преслушување на два разговори со образложение оти јавниот интерес преовладува над приватниот. Јавноста, сепак, нема да ги слушне разговорите во целост, туку само деловите кои претставуваат доказ во прилог на обвинението.

Според обвинението, Драган Павловиќ – Латас, Срѓан Павловиќ и Звездан Павловиќ изградиле три викенд-куќи во општина Зелениково без да имаат право на ваква градба, односно без одобрение за градење. Латас изградил викендичка од 317 квадратни метри, а неговите браќа, викендички со квадратура од 130, односно 104 квадратни метри.

Во прибавените докази на СЈО, меѓу кои има сателитски снимки, вештачење, како и останата документација, градењето на трите викенд-куќи почнало во 2011 година, додека одобрението за нивно градење од општината е добиено во 2013 година, кога веќе биле и завршени.