Одбраната на обвинетите во предметот на СЈО „Траекторија“ на денешното рочиште побара изземање на судечкиот совет, на претседателот на Кривичен суд Иван Џолев и на судии од Апелацискиот суд.

Адвокатот Еленко Миланов рече дека изземањето го бараат поради информации и изнесени од специјалната обвинителка Катица Јанева на една телевизија дека во снимените аудио материјали со кои располага СЈО има и судии и обвинители.

Ова е истата причина поради која беа барани изземања и во други случаи на СЈО.

Претседателот на судечкиот совет Горан Бошевски, кажа дека барањето за изземање на Џолев и на судии од Апелација е неосновани и затоа се отфрла. Барањето, пак, за изземање на членовите на судечкиот совет ќе биде доставено на одлучување до претседателот на Кривичен суд Иван Џолев.

За вакво барање претседателот на Судот треба да донесе одлука најдоцна за три дена.

Во „Траекторија“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски. Тие денеска дојдоа во Кривичниот суд.

Обвинети се дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања.Според СЈО со противправното дејствување на обвинетите кинеската компанија „Синохидро“ се стекнала со имотно-правна корист од 155.117.256 евра, а износот на штета претставува разлика меѓу износот на цена што како држава ја плаќаме на „Синохидро“ и цената што оваа компанија им ја плаќа на подизведувачите.

Адвокатите, пак, тврдат дека ќе докажат оти со околностите и податоците со кои располагале обвинетите при носење на одлуките не е направено противзаконско дејствие.