Сведокот Александар Василевски – Нинџа кажува „џејмсбондовски“ сценарија за случајот „Организатори на 27 април“, според одбраната на обвинетиот Спиро Ристовски. Во своите завршни зборови адвокатот Гоце Ристевски рече дека не може да сфати како обвинителството, кое располага со неколку изјави на Василевски, не може да ја воочи неговата контрадикторност од исказ до исказ.

Ристевски посочи дека воопшто не е забележена телефонска комуникација помеѓу Василевски и обвинетиот Спиро Ристовски на 27 април 2017 година, според обезбедените листинзи на телефонските броеви на Василевски.

Судењето за „Организаторите на 27 април” е во фаза на завршни зборови. Ова право досега го искористија обвинителството и обвинетиот Трајко Вељаноски. Своите завршни зборови моментно ги дава обвинетиот Спиро Ристовски.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, поранешните министрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Тие се товарат дека сториле кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.