Одбраната на обвинетите во случајот „Саздовски” и обвинителот Јован Стефановски ги образложија своите жалби по однос на првостепената пресуда, денеска во Апелацискиот суд во Скопје.

Бранителот на првообвинетиот Бесир Бела, адвокат Насер Рауфи, истакна дека обвинетите на денот на настанот немале план за тоа што се случило во објаснување на поднесената жалба.

Стефановски, пак, кратко посочи дека жалбите на одбраната треба да се одбијат, а рече и дека предлог на Вишето ЈО-Скопје е да се потврди одлуката на првостепниот суд по овој предмет.

Обвинетите Бесир Бела и Скендер Демири бараа да се судат за делото што го направиле, посочувајќи дека за нив е неприфатлива квалификацијата „убиство на свиреп начин” од страна на обвинителството. Тие беа осудени од Кривичниот суд Скопје на по 19 години затвор. Судот ги задолжи обвинетите да платат и парична оштета на семејството Саздовски, за претрпената душевна болка.

Кобниот настан меѓу обвинетите и Никола Саздовски се случи во јуни 2018 година на автобуска постојка во населбата Автокоманда. Саздовски првично беше однесен во Клиничкиот центар, но им подлегна на повредите по десетина дена во кома.