Пожарот во кругот на фабриката ОХИС е локализиран. Еден од пожарникарите кои се справувале со пожарот е однесен на Клиниката за токсикологија, бидејќи му се слошило од вдишаниот чад.

Нема опасност за граѓаните, ниту од експлозија ниту од отровни гасови, ниту од ширење на пожарот, информира директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

И градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски, потврди дека огнот во кругот на фабриката е под контрола.

– Од запалена сува трева огнот го зафати објектот на управната зграда на фабриката „Биљана“. Противпожарните единици на град Скопје го локализираа пожарот и состојбата е под контрола. Не постои никаква опасност од натамошно ширење на огнот – напиша Темелковски на Фејсбук.

 

Од безбедносни причини, но и за пристап на противпожарните екипи, сообраќајот по булеварот „Борис Трајковски” кон населбата Драчево е затворен и се пренасочува кон други локални патишта.