По сеопфатна истражна постапка против четири лица од Ресен осомничени дека како соизвршители сториле продолжено кривично дело измама, Основното јавно обвинителство Битола до судот достави предлог спогодби за тројца обвинети.

Осомничените на почетокот оваа година, со лажно прикажување на факти дека преку правно лице од Ресен можат да им продадат земјоделски производи, довеле во заблуда четири правни лица од Словенија, Унгарија, Босна и Херцеговина и Русија.

– Оштетените правни лица вршеле уплата на договорен износ на сметка на правното лице од Ресен, а осомничените ги подигнувале уплатените парични средства и ги трошеле за сопствени потреби, неиспорачувајќи ги договорените земјоделски производи – соопшти Обвинителството.

Во текот на истражната постапка, осомничените доброволно ја надоместиле севкупната штета на оштетените правни лица во вкупен износ од 49.170 американски долари и 17.466 евра.

Тројца од осомничените ја признале вината и побарале да се спогодат со обвинителството, додека еден од осомничените во текот на постапката починал и против него постапката е запрена.

Основниот суд Битола ги прифати предлог – спогодбите и со пресуди на двајца од обвинети им изрече алтернативна мерка – условна осуда со што им е утврдена казна затвор во траење од две години која нема да се изврши доколку обвинетите во рок од пет години не сторат ново кривично дело, додека еден од осомничените е осуден на казна затвор во траење од една година и осум месеци.