Четири лица во хотелот „Александар палас“ во Скопје им ја загрозиле сигурноста на 11 полициски службеници што вршеле службено дејство легитимирање. Тие почнале вербална расправија со полицајците упатувајќи им погрдни и заканувачки зборови, кои содржеле сериозна директна закана дека ќе нападнат врз животот на полициските службеници и врз животот на нивните претпоставени. Обвинетите се јавувале телефонски кај нивни блиски лица и ги повикувале да дојдат во хотелот и да се пресметаат со оштетените. По извршеното легитимирање, оштетените си заминале од хотелот.

Поради тоа Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинителен предлог против четири лица за загрозување на сигурноста.

– За тројца од обвинетите се активни мерките за претпазливост определени од судијата на претходна постапка по предлог на јавниот обвинител: забрана за напуштање живеалиште/престојувалиште, привремено одземање патна исправа и забрана за издавање нова, обврска повремено да се јавуваат кај определено службено лице, како и забрана за приближување и за воспоставување комуникација со оштетените. Еден од обвинетите сè уште не им е достапен на државните органи. Обвинителството ќе одлучи какви мерки за обезбедување на неговото присуство да предложи кога тој ќе им стане достапен на органите на прогонот. Во согласност со Законот за кривичната постапка, Министерството за внатрешни работи, кога ќе го утврди идентитетот на сторителите на кривичните дела и ќе обезбеди релевaнтни докази, поднесува кривична пријава до Основното јавно обвинителство, кое е надлежно да поведе кривична постапка. Во зависност од исполнетоста на законските основи, јавниот обвинител може да предложи мерки за обезбедување присуство на осомничените во текот на постапката, а по предлогот одлучува судијата на претходна постапка, како што беше постапено во конкретниот случај. Во поглед на другиот кривично-правен настан, кој следувал во хотелот неколку часа по кривичното дело за кое сега е поднесено обвинение, сè уште не е утврден идентитетот на сторителите, кои со огнено оружје пукале кон сега обвинетите лица. Кога Министерството за внатрешни работи ќе ги идентификува сторителите и ќе приложи релевантни докази, Основното јавно обвинителство и за тој предмет ќе постапи во согласност со Законот за кривичната постапка – соопшти Обвинителството.