Со сослушување на сведокот Никола Димитриевски, предложен од одбраната на обвинетиот Митко Чавков, почна денешното рочиште во Кривичниот суд за настаните од 27 април лани во македонското Собрание. Димитриевски е вработен во Шестата управа на МВР и на 27 април бил ангажиран како обезбедување на директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков.

Во сведочењето, Димитриевски рече дека го зеле Чавков од дома и го однеле во МВР каде останал до 14 часот. Потоа го однеле во стоматолошка ординација кај „Сити мол“ каде се задржал околу два часа, по што еден час шетале во Сити мол и околу час и половина биле во „Скара бар“.

Околу 18 часот го однеле во неговата канцеларија во зградата на „Технометал Вардар“ каде Чавков останал два часа, а потоа го однеле во МВР каде бил до полноќ. Димитриевски посочи дека околу 19 часот пред вратата на канцеларијата на Чавков, слушнал како тој зборува на повисок тон и дава наредба на службени лица.

Во штабот во МВР, според сведочењето на Димитриевски, доаѓал и министерот Агим Нухиу. Цело време додека биле во штабот, Чавков ги давал речиси 99 проценти од наредбите, а околу полноќ побарал да го однесат во штабот на ВМРО-ДПМНЕ за да се види со Никола Тодоров по што заминал дома.

Во вкрстеното испрашување од обвинетиот Александар Василевски Нинџа, Димитриевски негираше дека Чавков бил во ВМРО-ДПМНЕ од 18.20 до 19.15 часот. Како што кажа со сигурност може да потврди дека Чавков пред полноќ не бил во штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Димитриевски негираше и дека возачот на Чавков, Вангел Цакончев околу 19.20 часот бил пред Собранието.

Во моментов сведочи возачот на Чавков, Вангел Цакончев, кој исто така е предложен од одбраната на Чавков.