Фото: Игор Бансколиев

Обвинителство сѐ уште прибира докази за утврдување кривична одговорност за пожарот во модуларната болница во Тетово.

Од Основното јавно обвинителство (ОЈО) информираа дека нивните службеници од тетовското обвинителство сѐ уште работат на предметот отворен поради пожарот тетовската модуларна болница од 8 септември, во кој животите ги загубија 14 луѓе.

Истрагата сѐ уште е во насока на собирање на материјални и вербални докази за утврдување на кривична одговорност, како што информира ОЈО.

– Се очекува во обвинителството да пристигнат извештаите од наредените вештачења, меѓу кои и вештачењето од експертите од Германија. Откако ќе се приберат материјалните и вербални докази, обвинителите ќе ги разгледаат и анализираат. Ќе биде утврдено дали и каде постои кривична одговорност, по што ќе биде донесена и одлука за натамошниот тек на постапката – се вели во одговорот на Обвинителството на новинарско барање, што го пренесоа повеќе медиуми.

Обвинителството на 5 октомври објави извештај за причините за пожарот, информирајќи дека се случил краток спој на продолжен кабел во моментите кога лекарски тим ја започнал реанимацијата на пациентка болна од ковид-19.