Обвинителката Гордана Смаќоска побара притвор за поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистерот за образование, Спиро Ристовски, ексминистерот за транспорт, Миле Јанакиески и ексдиректорот на УБК, Владимир Атанасовски. Таа смета дека тие имаат контакти бидејќи некогаш биле високи функционери, а со тоа можат да се дадат во бегство. Притворот е побаран бидејќи се осудени како организатори на 27 април.

– Предлагам на Спиро Ристовски, Трајко Вељаноски и Владимир Атанасовски да им се определи притвор до правосилност на пресудата. Денеска тие се прогласени за виновни за многу тешко кривично дело. Тие имаат многу познанства во странство, кои ако се бранат од слобода тие ќе се дадат во бегство, односно кријат за да ја избегнат кривичната одговорност и издржување на ефективната казна затвор. Со оглед дека Миле Јанакиески е во куќен притвор по друг предмет, предлагам судот да ја укине таа мерка и да определи притвор по истите основи како останатите обвинети – рече обвинителката Смаќоска.

На ова се спротивставија адвокатите на обвинетите кои добија затворски казни за случајот „Организатори на 27 април“. Адвокатот Еленко Миланов кажа дека сите обвинети до сега го почитувале судот, доаѓале на судења, а за обвинетиот Миле Јанакиески кажа дека веќе е во куќен притвор и нема ниту едно негово прекршување.