Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција го затвори случајот со наводните незаконитости во јавните набавки во Министерството за здравство, појаснувајќи дека нема место за јавнообвинителска интервенција.

– По сеопфатно проучување на прибраниот доказен материјал во врска со наводните неправилности при спроведување на постапките за јавни набавки во Министерството за здравство, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе одлука со која укажува дека нема место за јавнообвинителска интервенција – соопштија од Обвинителството кое лани поведе предистражна постапка по допрен глас, заради постоење на индиции за повреда на законот при постапки на доделување на договори за јавни набавки во Министерството за здравство.

Во овој предмет беа опфатени постапките за јавни набавки на лекови од веледрогерија за потребите на јавните здравствени установи без тендерска постапка, набавка за биореагенси и тестови на крв, изградба на бункер за акцелератор во Клиничката болница во Штип и судир на интереси во јавна набавка на лекови во ЈЗУ Клиника за хематологија.

– За да постои кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување предвидено и казниво по член 353 став 5 потребно е јавната набавка да е спроведена на незаконит начин и да има склучен договор за јавна набавка. Доколку нема склучен договор, не се исполнети елементите за сторено кривично дело од овој член. Така, од прибраниот доказен материјал произлегува дека во случајот со набавка на лекот Вемурафениб, постапката за јавна набавка е спроведена, но на предлог на Комисијата за јавни набавки, донесена е Одлука за поништување на постапката согласно член 169 од Законот за јавни набавки и не е склучен договор за набавка – велат од Обвинителство.

Во врска со јавната набавка на биореагенси и тестови на крв, постапката била спроведена, но не бил склучен договор, со оглед на тоа што Државната комисија за жалби по јавни набавки ги прифатила жалбите на жалителите и постапката била поништена.

Што се однесува до постапката за изградба на бункер за акцелератор во Клиничката болница во Штип, од Обвинителството велат дека во овој случај се работи за Рамковен договор за заем за финанирање на Проект за изградба и модернизација на Клиничкиот Центар Мајка Тереза во Скопје и регионалната Клиничка болница во Штип каде важат одредбите од Законот за задолжување на Република Македонија кај Банката за развој при Советот на Европа, а не одредбите од Законот за јавни набавки, па од тука и не постои повреда на чл. 353 ст.5 од Кривичниот законик.

– Од Посебниот извештај кој е резултат на постапување по допрен глас на Управата за финансиска полиција, а во врска со судир на интереси во јавна набавка на лекови во ЈЗУ Клиника за хематологија, произлегува дека нема повреди во постапката по јавните набавки, ниту е утврден судир на интереси кај одговорните лица, туку јавната набавка во целост и во сите фази е спроведена согласно закон – се наведува во соопштението.