Се врши претрес во просторите на фирмата „Инвока гроуп“ и во домот на сопственикот на фирмата, по наредба на Основното јавно обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, кое ја потврди информацијата за МИА.

Претходно, на 18 март, ОЈО соопшти дека по допрен глас отворило предмет во врска со набавката на софтверот за „определување на просечна брзина на возилата во сообраќајот и изрекување казни“. Станува збор за софтверот кој го набавил Генералниот секретаријат на Владата, во времето на Драги Рашковски, а кој не е во употреба иако бил платен 81.000 евра, откако „Инвока гроуп“ победи на тендерот.

– Следејќи ги повеќедневните написи во медиумите за набавката на софтверот од страна на Генералниот секретаријат на Владата, обвинителството отвори предистражна постапка, при што предметниот обвинител издаде повеќе наредби за прибирање на потребната документација – беше наведено во соопштението на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.