Обвинетиот во случајот „Диво Насеље“ Шефчет Халачи, во јуни годинава на обвинителката Фатиме Фетаи ѝ испратил прислушувани материјали поврзани со случајот „Монструм”.

Халачи ја контактирал Фетаи и ѝ кажал дека има 140 гигабајти прислушувани разговори кои тој ги праќал и на Ел Чека. Таа му кажала тие снимки да ги испрати и до поранешното Специјално јавно обвинителство.

Фетаи појасни дека јавноста веќе ги има слушнато овие снимки, а станува збор за разговорите кои ги воделе бизнисменот Орце Камчев и новинарката Оливера Трајковска за случајот „Монструм“.

Сите материјали кои ги добиле во СЈО од Халачи се предадени на Судот, истакна Фетаи на денешното рочиште за „Монструм“.

Судењето за „Монструм“ е во тек,  се чита документацијата што е изработена од извршениот увид.

За петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Демири и Исмаиловиќ се недостапни за органите на прогонот.

Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.