Обвинетите за случајот „Моќник“ на денешното рочиште се произнесоа дека не го прифаќаат обвинението поднесено против нив и не се чувствуваат виновни за кривичните дела кои им се ставаат на товар. Продолжението на судењето е закажано за 23 април.

Обвинетиот Шпенд Винца истакна дека се обидувал да го разбере обвинителниот предлог, во кој се наведува негова поврзаност со лица за кои тврди оти, не ги познава, ниту се сретнал со нив.

Судијката Ленка Давиткова го води случајот, а Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски се застапници на обвинението.

Прво и второобвинети во случајот се Милош Милошоски и поранешниот градоначалник на Македонски Брод, Милосим Војнески, а третообвинет е пратеникот Антонио Милошоски.  Според Обвинителството, прво и второобвинетиот се товарат дека сториле „измама”, третообвинетиот дека сторил „измама” и „злоупотреба на службената положба и овластување”. Со обвинителниот акт останатите 10 опфатени лица се товарат дека сториле „злоупотреба на службената положба и овластување”.